Русија демантира дека е погоден руски воен брод во Црното Море. Некои украински портали претходно јавија дека руска фрегата е запалена во Црното Море откако била погодена од украински проектил. Интернет страницата „Думскаја.нет“ со седиште во Одеса објави дека брод од серијата „Проект 11356 Буревестник“ бил во пламен во близина на Змискиот остров, откако бил погоден со ракета „Нептун“, истрелана од украинска територија.

Украинците тврдат дека го погодиле рускиот воен брод „Адмирал Макаров“ и дека е тешко оштетен и плута. Според некои медиуми, руски спасувачки бродови тргнале да му помогнат на „Макаров“.

Официјална Москва ги демантира овие информации.

– Не, немаме такви информации, изјави Димитриј Песков на новинарско прашање дали „Макаров“ е погоден.

Ниту западните сили не виделе ништо што би потврдило дека „Макаров“ бил погоден, јавија светските агенции.

Според Би-Би-Си, „Адмирал Макаров“ е многу помал од рускиот брод Москва, кој потона минатиот месец. „Макаров“ е стар само пет години и е еден од најмоќните руски воени бродови во Црното Море. Содржи крстосувачки ракетен систем Калибар и е способен да гаѓа други бродови или подморници, како и крајбрежни цели во опсег од 2.600 километри.