НЛБ Банка ги предупреди граѓаните на нов обид за фишинг-измама во кој преку лажни СМС-пораки се злоупотребуваат името и брендот на банката. Во пораките од примателите се бара итно да ја „ажурираат сметката“ преку приложен линк, со закана дека во спротивно сметката ќе им биде блокирана.
Од банката нагласуваат дека не стојат зад овие пораки и апелираат граѓаните да не го отвораат линкот и да не внесуваат лични податоци, броеви од платежни картички, лозинки или ПИН-кодови. Измамниците преку лажните интернет-страници создаваат чувство на итност со цел да дојдат до доверливи информации и да добијат неовластен пристап до паричните средства.
НЛБ Банка потсетува дека никогаш не бара доверливи податоци преку СМС-пораки. Граѓаните кои веќе го отвориле линкот и внеле податоци треба веднаш да ја контактираат банката на телефонскиот број 02/15 600 или преку електронската адреса info@nlb.mk, за навреме да се преземат мерки за заштита.
