Стариот земјен пат на Пелистер, изграден во периодот на Првата светска војна, ќе биде обновен и повторно ставен во функција како пешачка и велосипедска патека што ќе ги поврзе Големото Езеро и Брајчино во Преспа.

Проектот е дел од пошироката програма на Националниот парк „Пелистер“ за подобрување на пристапот до планината, заштита од пожари и развој на еко и активниот туризам. Со возобновувањето на стариот француски пат, од инфо-центарот на Пелистер до Преспа би се добила траса долга околу 40 километри.

„Ќе се оствари сон на многу генерации за поврзување на Брајчино со Големо Езеро. Тоа ќе биде пешачка и велосипедска патека“, вели директорот на Националниот парк „Пелистер“, Иванчо Тошевски.

Иако примарната функција на обновениот пат ќе биде противпожарна заштита, трасата ќе биде достапна и за пешаци и велосипедисти. Делницата од битолската страна кон Големото Езеро и досега била во употреба, но поради каменестиот терен, стрмните делови и гранитната структура на планината, движењето по неа е тешко и за теренски возила.

Националниот парк веќе расчистил дел од коловозот од камења и вегетација до месноста Широка, каде што е планирано и обновување на ловечката куќа.

Возобновувањето на патот е дел од десетгодишната програма за заштита на Пелистер од пожари, но од управата очекуваат проектот да донесе и нов туристички потенцијал. Патеката ќе минува низ делови од планината од кои се отвора поглед кон Преспанското Езеро од едната и Пелагониската Котлина од другата страна.

Дополнителен импулс за развој на регионот се очекува и со планираното отворање на граничниот премин Маркова Нога во 2028 година, со што би можела да се создаде поширока туристичка рута што ќе ги поврзе Пелистер, Преспа и соседните области.