Од партијата остануваат на ставот дека дури и во време на пандемија, каде по 30 луѓе дневно ги губат своите животи, пописот мора да се одржи и истиот ќе бил спроведен според некакви протоколи.
Ви го пренесуваме партиското соопштение во целост:
Пописот во април ќе се спроведува со целосно почитување на здравствените протоколи и мерки за заштита од коронавирусот. Здравјето на сите, како на граѓаните, така и на попишувачите ќе биде целосно заштитено, процесот на попишување ќе биде целосно безбеден од здравствен аспект. Со оваа најмасовна и најсложена статистичка операција, ќе се добијат целосни, релевантни и сеопфатни податоци за структурата на населението, на домаќинствата и становите, кои се од особена важност за државата, институциите, општините, но и за бизнис секторот и граѓанските организации. По цели 19 години без попис, неговото одржување оваа пролет е најважна државничка работа и врвен патриотски чин. Тој мора да биде заеднички успех на сите граѓаните, на сите општествени чинители. Граѓаните да не подлегнуваат на манипулациите и повиците за бојкот на оваа важна статистичка операција. Бојкотот на пописот е кривично дело, постапка која не носи ништо добро за никого, чин што предизвикува штета на државните и национални интереси. Преку учество во процесот на попишување секој поединец дава свој придонес во развојот на својата татковина, на своето населено место.
Соопштенијата на Владата и СДСМ се повеќе се насочени кон заплашување на народот со кривични пријави, најверојатно бидејќи се повеќе граѓани се изјаснуваат дека се плашат да ја отворат вратата на неимунизирани попишувачи.
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски пак, во гостување на Сител изјави дека граѓаните треба да се спокојни и за такво нешто не можат да бидат гонети од никого.