Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека секоја држава има криминалци, а само во Македонија криминалците имаат своја држава. Соопштението кое го објавија утрово се однесува на фотографиите кои протекоа вчера по интернетот, за кои објавувачите тврдат дека се доказ на соработката помеѓу лицата вмешани во нарко трговија од Грчец со највисоки функционери на власта.

Тие тврдења ги пренесе и Лидер.мк.

– Секоја држава има криминалци, само во Македонија криминалците имаат своја држава.
Епската битка против сузбивањето на голема група на криминалци, шверцери и дилери на дрога која Спасовски гордо се пофали, заврши со заплена на минимално количество на дрога од дури 100 грама кокаин и уапсени ситни „риби“.
На главните криминалци, нарко-босови некој од власта им дојавил за акцијата и им дозволиле да побегнат.
Оливер Спасовски безобразно ја излажа целокопната македонска јавност дека акцијата „Планина“ со заплена од 100 грама дрога и пронајдени клучеви од автомобили е успешна.
Јавноста е сведок како Оливер Спасовски и функционери од СДСМ гордо се сликаат со нарко босовите на т.н акција „Планина“. Истите лица кои побегнаа и се спасија, се во друштво на Спасовски. Оној истиот Спасовски кои веќе 5 години е прв човек во министерството за внатрешни работи и нема реализирано ниту една успешна акција.
Оливер Спасовски и Вилма Русковска треба да одговорат кои високи функционери од МВР им дојавија на криминалците од Грчец и Арачиново дека се организира акција и им помогна да побегнат?
Нерасчистени убиства, претрелки сред бел ден, криминалците кои неприкосновено шверцуваат дрога низ улиците се секојдневие во Македонија и за ова никој нема понесено одговорност.
Заев и Спасовски се способни само за криминал. Македонија е закована на дното на сите реномирани светски извештаи за справување со криминалот и корупцијата. Одговорност за ваквото криминално однесување ќе има, се наведува во соопштението.