Вкупно 47 семејства од најранливите категории од денеска ќе имаат можност да живеат во нови станови во Дебар. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на новиот станбен објект во градот.

Николоски оцени дека станува збор за значаен момент, бидејќи новите станови ќе бидат дом за семејства на кои им е најпотребна поддршка од институциите.

„Навистина е убав момент кога можеме да видиме 47 среќни семејства кои од денеска ќе имаат станови што ќе можат да ги користат во еден исклучително добро изграден објект тука во Дебар“, изјави Николоски.

Тој посочи дека становите се наменети за лица од најранливите категории, меѓу кои деца без родители и родителска грижа, корисници на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост и нивните семејства, како и самохрани родители со малолетни деца.

„Навистина зборуваме за најранливите категории и драго ми е што оваа политика продолжува. Еве тука во Дебар можеме да видиме среќни семејства кои ќе почнат да живеат во овие станови“, додаде вицепремиерот.

Тој информираше дека процесот на доделување социјални станови продолжува и во други општини низ државата. Досега се доделени 29 станови во Велес, 32 во Кочани, 21 во Струмица и 19 во Гевгелија, додека во тек се постапки за изградба и доделување нови станови во Пробиштип и Свети Николе.

Николоски нагласи дека во соработка со Јавното претпријатие за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Републиката, во завршна фаза се и нови станбени објекти во општините Бутел и Сарај. Во тек е изградба и на објект во Прилеп, а планирана е и градба во Штип.

„Овие проекти ќе решат станбено прашање за голем број семејства и ќе продолжиме со оваа политика и во иднина“, порача Николоски.