Режисерот Мартин Скорсезе ја заврши работата на своето ново филмско остварување насловено „Што се случува ноќе“, кое според последните најави се очекува да пристигне во киносалите во текот на следната година. Неговото прво остварување во кариерата беше независната драма „Кој ми тропа на врата“, што претставуваше почеток на опус од 26 филмови на еден од најголемите светски автори.

Новиот проект се базира врз истоимениот роман на американскиот писател Питер Камерон. Жанровски, филмот е најавен како готски психолошки хорор, а главните улоги му се доверени на Леонардо ди Каприо, кому му се придружуваат Џенифер Лоренс и данскиот актер Мадс Микелсен.

Дејството во филмскиот синопсис го следи патувањето на брачен пар од Соединетите Американски Држави во мал европски град со намера да посвојат бебе. Како што нивната борба за детето станува поинтензивна, тие постепено губат свест за сопствениот идентитет и реалноста.

Снимањето на филмот се одвиваше во текот на првата половина од годинава на локации во Чешка и во Швајцарија. Според последните информации, продукцискиот тим на чело со режисерот веќе целосно ја комплетираше и постпродукцијата на проектот.