Министерот за здравство, Азир Алиу денеска го помовираше новиот модул за електронска евиденција за елективни хируршки интервенции во Јавните здравствени установи. Пациентите кои имаат закажано вакви интервенции преку порталот ќе можат да видат кога им е закажана интервенцијата и да видат колку е долга листата на чекање. Министерот за здравство Алиу појасни дека на јавниот портал кој се наоѓа на веб страницата на Министерството, ќе биде достапна листа на закажани елективни хируршки интервенции, со јасна категоризација на интервенциите и стандардизирани правила за внесување и ажурирање на податоците.

– Со ова прв пат како држава воспоставувме ред и јасен протокол на транспарентен начин да се води електронската евиденција за закажаните интервенции во здравствените институции. Целта е секој пациент да ја добие  услугата „прв дојден, прв услужен“, како што е во моментот. Евиденцијата на хируршки интервенции се води во системот „Мој термин“ преку издавање упат со тип болнички упат за операција што се издава од специјалист хирург, со уникатен број на упат и со сите потребни податоци за типот на операција од листа на хируршки интервенции, како и податоци за пациентот-рече Алиу.

Тој при денешната презентација на новиот модул за електронска евиденција нагласи дека утврдиле и одредени неправилности, меѓу кои, и тоа дека  упатите не се издаваат веднаш при утврдување на потребата за операција, туку пред самата интервенција.

– Второ, дел од установите и лекарите користат друг тип на упат, конзервативен третман за евиденција на пациентите на листата, а лекарите ги водат листите во хартиена форма. И трето, листите на чекање не се редовно прочистувани и од ова создаваат неточна перцепција за времето на чекање и реалните потреби на пациентите. Резултатот од анализата за 2025 година покажуваат значителна разлика меѓу бројот на реализирани упати кој бил 58.648, податок земен од системот „Мој термин“, и реализирани операции – 93.510, исто така, податок добиен од установите, што укажува на непочитување на законската регулатива – рече Алиу.

Министерот истакна дека на овој начин пациентите ќе знаат колкава е листата за чекање на елективни хируршки интервенции во болницата, каде што му е закажана интервенцијата, како и дека слободно можат да пребаруваат по порталот и да добијат информации.

– Во однос на овие новини – до јавните здравствени установи кои вршат хируршки интервенции веќе се испратени поединечни известувања со податоци од спроведената анализа. На установите поединечно им е посочено дали и колку се разликува бројот на извршени интервенции, со бројот на реализирани упати за операција во системот Мој термин. На крајот, уште еднаш сакам да потенцирам дека со оваа новина ја унапредуваме транспарентноста, овозможуваме реално мерење на времето на чекање, а со тоа и подобро планирање и распределба на ресурси, како и примена на европските практики во оваа област, подвлече министерот за здравство Алиу.