Француско-германскиот нон-пејпер за забрзување на проширувањето на Европската Унија е обид да се олесни процесот и постапно да се воведуваат потребните чекори за пристапување на земјите од Западен Балкан, изјави евроамбасадорот во Македонија, Михалис Рокас.
Рокас денеска посочи дека разговорите на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват сè уште траат и дека во овој момент не може да се каже каков ќе биде конечниот исход од иницијативата. Според него, идејата е да се намали административната тежина и да се забрза процесот на приближување на регионот кон Европската Унија.
„Разговорите во Тиват сè уште течат и не можам да кажам кој е конечниот исход од нон-пејперот. Мислам дека ова е обид да се отстрани администрацијата, за да се забрза процесот и да се олесни со тоа што постапно ќе се воведуваат сите потребни постапки за пристапување на Западен Балкан во Европската Унија“, изјави Рокас.
Евроамбасадорот ова го изјави при увидот во градежните работи на македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога – Лемос, каде што беше заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во француско-германскиот нон-пејпер Европската комисија се повикува да подготви предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидати во ЕУ. Меѓу предлозите се наведува и привилегиран пристап до единствениот европски пазар, врз основа на напредокот во пристапните преговори, како и поцврсти врски со европските институции во секојдневниот процес на одлучување.
Документот, со наслов „Нов поттик за проширувањето во пресрет на самитот ЕУ – Западен Балкан и самитот ЕУ – Молдавија“, оценува дека проширувањето останува една од најпривлечните понуди и највлијателни политички алатки на Унијата.
„На политиката на проширување ѝ е потребен нов поттик. Претстојните самити со Западен Балкан и Молдавија претставуваат можност што не смееме да ја пропуштиме. Нашата заедничка цел е да ја заокружиме Унијата како вистинска Европска Унија“, се наведува во документот.
