Мицкоски: „Ова е квалитетен чекор напред за младинското претприемништво“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави нова можност за млади до 29 години кои сакаат да започнат сопствен бизнис. Мицкоски појасни дека според Оперативниот план за вработување, кој Владата го усвои денес, од септември ќе следи нов јавен повик за самовработување, со грантови до 20.000 евра.
Владата со нов Оперативен план за вработување: 40 милиони евра за младите и невработените
- „Планот предвидува вработување на 16.000 лица кои се работоспособни, но невработени. Очекуваме 65% од нив да бидат млади“, изјави Мицкоски. Апликантите кои ќе отворат ДООЕЛ ќе добијат до 10.000 евра, додека оние што ќе регистрираат ДОО ќе добијат од 13.000 до 20.000 евра, во зависност од бројот на основачи.
40 милиони евра за самовработување – Комисија ќе ги оценува стартапите
За реализација на мерките се издвоени околу 40 милиони евра (приближно 2 милијарди денари). Според премиерот Мицкоски ваквите грантови се значителен чекор за поттикнување на младинското претприемништво и задржување на младите во земјава.
- „Ги повикувам сите заинтересирани да се пријават на огласот, а од септември следува уште еден повик за стартап бизнис идеи, кои ќе ги оценува посебна Комисија“, додаде Мицкоски.
Оперативниот план претставува дел од пошироката стратегија на Владата за намалување на невработеноста и поддршка на економскиот раст преку активни мерки за вработување и поддршка на млади претприемачи. Оперативниот план предвидува вработување на 16.000 невработени, најголем дел од нив млади лица.
Извор: Курир