Двегодишно дете вчера било донесено во Општата болница во Куманово поради труење со лекови, информираат од полицијата.
Случајот бил пријавен вчера во 14:28 часот во СВР Куманово од страна на лекар од кумановската болница.
Од Општа болница Куманово потврдуваат дека детето било веднаш примено на Одделението за педијатрија, каде му била укажана соодветна медицинска помош. По подобрување на состојбата, тоа денеска е пуштено на домашно лекување.
Од СВР Куманово информираат дека се преземаат сите потребни мерки за целосно расчистување на случајот.
Ова е втор ваков случај во Куманово за само две недели, откако неодамна уште едно двегодишно дете заврши во болница откако испило средство за разредување боја.
