Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори нова истражна постапка против Дејан Јованов-Деко, сопственикот на дискотеката „Пулс“ во Кочани. Надлежните побараа мерка притвор по сосема нов кривично-правен предмет, непосредно пред истекот на актуелниот законски притвор.

Адвокатката Ивана Коцевска потврди дека добила судска покана за ново рочиште пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје. На Јованов мерката притвор за трагичниот настан со пожарот во дискотеката му истекуваше на 3 октомври по сила на закон.

„Со оглед дека јас, како бранител на првообвинетиот Дејан Јованов од Кочани, предложив гаранција за обезбедување на неговото присуство во текот на постапката, имајќи предвид дека притворот му истекува по сила на законот на 03.10.2026 година. Првично, гаранцијата сè уште не е прифатена и, како што веќе најавив дека претчувствувам дека притисокот од јавноста ќе ги принуди органите да создадат ново дело и да дадат нов притвор, токму тоа и се случува“, вели Ивана Коцевска.

Одбраната претходно поднесе предлог за гаранција со цел обезбедување на неговото присуство во текот на натамошното судење. Засега институциите немаат објавено официјални поединости за какво кривично дело станува збор во новата истрага на ОЈО ГОКК.