Во населеното место Јурумлери во Општина Гази Баба започна изградбата на нова фаза од вакуумската фекална канализација. Со овој инфраструктурен зафат жителите од овој дел од градот треба конечно да добијат соодветно комунално решение. Проектот се финансира преку владината програма за поддршка на локалните самоуправи.
На почетокот на градежните активности присуствуваше Христијан Мицкоски, кој нагласи дека целта е пренасочување на средствата од централниот буџет за подобрување на условите за живеење на локално ниво.
„Важно е што со овој проект ова населено место ќе добие канализација онака како што треба да има во 21 век. Навистина сум среќен што можеме да отпочнуваме ваков тип проекти кои додаваат квалитет во животот на луѓето и потоа заедно со граѓаните да ги пуштаме во употреба“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека институциите мора постојано да испорачуваат конкретни резултати и да го надградуваат секојдневието на граѓаните. Според него, општините веќе подготвуваат нови проекти за следниот владин повик што треба да се реализира во втората половина од наредната година.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, даде технички детали за самиот проект, потенцирајќи дека станува збор за долгогодишен децениски проблем на локалното население.
„Ова беше долгогодишно барање на жителите, би рекол децениски проблем и ние со јасна цел за реализација на конкретни проекти ги решаваме проблемите на граѓаните. Проектот е со финансиска поддршка од Владата преку вториот јавен повик и е во вредност од 144 милиони денари“, истакна Стефковски.
Градежните зафати опфаќаат поставување на фекална канализациска мрежа во должина од 4,5 километри, изградба на индивидуални приклучоци за сите домаќинства во населбата, како и инсталирање на нов мониторинг систем за автоматско и навремено откривање на можни дефекти на мрежата.
