Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, денеска официјално го предадоа во употреба новиот мега парк „Бутелска оаза“. Новиот простор се простира на површина од 50.000 квадратни метри и претставува една од најголемите уредени парковски површини во главниот град.

Комплексот содржи уредени зелени површини, пешачки патеки, модерен плоштад, игралишта и детски катчиња со реквизити за најмладите, како и фитнес зони наменети за спорт и рекреација на граѓаните од сите возрасти.

„Бутел доби ново зелено срце. Место што ќе им припаѓа на граѓаните, ќе зближува генерации и ќе создава спомени. Има посебна радост кога дадениот збор ќе стане место исполнето со детска смеа. Се сеќавам, кога ја подготвувавме програмата за Скопје, Дарко побара да изградиме парк 10 пати помал од овој што денес го отвораме. Ги разгледавме можностите и решивме да направиме многу повеќе – еден од најголемите мега паркови во Скопје, каков што Бутел заслужува. Денес, таа одлука е реалност пред нашите очи. На просторот каде што се планираше бетонизација, сега има огромна зелена површина, реквизити за најмладите, пешачки зони и фитнес зони за рекреација. Место за првите детски чекори, за младите и нивните дружења, за семејните прошетки и за спокојните утра на нашите пензионери. Простор за сите генерации. Простор за секој граѓанин“, изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот на Скопје информираше дека за долгорочно одржување на засадената вегетација е инсталиран независен систем за наводнување кој користи исклучиво техничка вода.

„Создаваме парк со услови за долгорочно и одржливо одржување, за во неговата убавина да уживаат и генерациите што доаѓаат. Секое засадено дрво е влог во почист воздух. Секоја нова зелена површина е придонес за помалку урбана жештина. Секој нов парк е повеќе простор за здравје, рекреација и поквалитетен живот. Тоа е Скопје за кое работам. Град во кој секое маало е важно, секоја општина добива внимание и секој граѓанин заслужува уреден и достоинствен простор за живот. Бутел ја доби својата оаза. Скопје доби уште една причина за гордост. Да ја чуваме, затоа што ова е наше заедничко богатство“, додаде Ѓорѓиевски.

Тој потенцираше дека даденото ветување кон граѓаните на Бутел од неговата четиригодишна изборна програма е целосно исполнето уште во текот на првата година од мандатот.

Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, посочи дека локацијата во минатото била целосно запоставена и претворена во дива депонија на која се планирала изградба на станбени објекти.

„Од место на кое беа ветувани згради и бетонизација до ново зелено срце на општина Бутел и Скопје! Она што со години беше депонија и симбол на негрижа, место кое беше ветувано за изградба на висококатници и бетонизација на Бутел, денес го претвораме во огромен, модерен и функционален мега парк на површина од 50.000 квадратни метри. Со Орце Ѓорѓиевски дадовме збор дека ова место повеќе нема да биде заборавено. Денес покажуваме што значи кога се има визија и дадениот збор дека се исполнува. Ова е конкретен пример за тоа како со јасна визија, посветеност и вложување во урбаното зеленило може да се трансформираат запуштените и деградирани простори, во вредни јавни содржини кои го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните“, изјави Костовски.