Пациент кој пет години чекал на листата доби ново срце, а 23-годишник шанса за поквалитетен живот со трансплантиран бубрег

Двајца пациенти добија нова шанса за живот по најновата трансплантација реализирана во земјава. Петдесет и двегодишен пациент доби срце од донор, додека 23-годишно момче доби нов бубрег, соопшти Министерството за здравство.

Според информациите, двајцата пациенти се во стабилна состојба по извршените трансплантации.

„Во градите на 52-годишен пациент, кој од 2021 година со нетрпение и верба чекал на националната листа за трансплантација – од денес чука ново срце. Симбол на нов живот, нов почеток и неизмерна благодарност. Со оваа исклучителна одлука за органдонорство, нивниот сакан продолжува да живее во срцата, телата и насмевките на луѓе кои повторно имаат шанса. Истовремено, 23-годишно момче доби бубрег и со него, шанса за поквалитетен живот“, соопшти Министерството за здравство.

Донирани и коскени ткива, благодарност до семејството на донорот

Од Министерството упатија благодарност до семејството на починатиот донор, кое во најтешките моменти донело одлука да подари живот на други луѓе.

Информираат дека покрај органите биле донирани и коскени ткива, кои ќе помогнат во лекувањето на други пациенти.

„Министерството за здравство изразува најдлабока почит за ова храбро семејство. Нивната одлука за нас е патоказ при креирање на идните политики. Благодарност до сите здравствени работници чија посветеност, експертиза и професионалност ја имаа оваа благородна мисија за нова надеж и нов живот“, истакна министерот за здравство Азир Алиу.

Националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, исто така упати благодарност до семејството на донорот.

„Кога сме сплотени и имаме една ваква хумана мисија, заеднички и тимски може да поместуваме граници“, порача проф. д-р Кузмановска.