Град Скопје најавува модернизација на Противпожарната бригада

Скопската Противпожарна бригада доби ново специјално навално противпожарно возило од производителот MAN, наменето за интервенции во урбани средини и за гасење пожари со висок интензитет.

Возилото е опремено со цистерна од 6.000 литри, пумпа со нормален и висок притисок, витло од 60 метри и монитор-млазница со далечинска контрола. Има капацитет за транспорт на пет пожарникари.

Од Град Скопје посочуваат дека со ова значително ќе се зајакнат капацитетите на бригадата за побрзи и поефикасни интервенции.

Пожарникарите заслужуваат современи услови

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски порача дека модернизацијата на Противпожарната бригада е еден од приоритетите на градот.

„Во мојата визија за Скопје, модернизацијата на Противпожарната бригада која години е запоставена, е еден од важните приоритети. Нашите пожарникари се тивките херои на градот, луѓе кои не прашуваат кога е тешко, туку први влегуваат таму од каде што е најкритично.“

Тој истакна дека се планираат дополнителни вложувања во опрема и услови за работа.

„Тие заслужуваат современа опрема, подобри услови за работа и силна институционална поддршка. Затоа, следува сериозен влог во нивната безбедност, подготвеност и ефикасност, затоа што секое ново возило, секој нов капацитет и секоја подобра алатка значат поголема заштита за животите, домовите и имотот на скопјани, вели скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.“

Од Град Скопје најавуваат дека ќе продолжат инвестициите за модернизација на Противпожарната бригада, со цел подобра заштита на граѓаните и нивниот имот.