Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук сподели дека главниот град го бележи најдобриот прв квартал во историјата, како и убедливо најдобра реализација на капитални инвестиции.
„И покрај затекнатиот хаос, наследените долгови, нефункционалните системи, парализираните јавни претпријатија и град кој со години беше оставен без вистинско водство, успеавме за краток период да го исправиме Скопје на нозе. Денес, со гордост можам да кажам дека Град Скопје го бележи најдобриот прв квартал во својата историја, со највисока реализација на капитални инвестиции досега. Во Основниот буџет на Град Скопје за 2026 година беа планирани капитални инвестиции во износ од 1,85 милијарди денари, што претставува зголемување од 32,4% во однос на 2025 година. Но, најважно е што овие средства не останаа само бројки на хартија“, истакна Ѓорѓиевски.
„Ова е резултат на дисциплина, работа, одговорност и секојдневна борба за секој денар да биде насочен таму каде што најмногу им треба на граѓаните – во улици, инфраструктура, јавни услуги, чистота, зеленило, сообраќај, функционални претпријатија и проекти кои го менуваат ликот на градот“, објаснува градоначалникот Ѓорѓиевски, најавувајќи дека реализацијата на капиталните инвестиции и во вториот квартал ќе биде рекордна.
Посочи дека само во месец април имаат реализација на капитални инвестиции во износ од 464,45 милиони денари, што е највисока априлска реализација споредено со било која година досега. Заклучно со 8 мај 2026 година, односно за период од само 4 месеци и 8 дена, додаде дека реализацијата на капиталните инвестиции изнесува повеќе од 480 милиони денари, со што веќе биле реализирани 26% од вкупно планираните капитални инвестиции.
За споредба, во првите четири месеци од 2026 година, Ѓорѓиевски објаснува дека имаат подобра реализација од цел втор квартал, односно од првите шест месеци во повеќе претходни години:
- во 2025 година реализацијата изнесувала 463 милиони денари,
- во 2024 година 385,4 милиони денари,
- во 2023 година 420,5 милиони денари,
- а во 2022 година 368,4 милиони денари.
„Тоа значи дека за само четири месеци веќе сме надминале цели шестмесечни периоди од претходни години. Ова е разликата кога градот се води одговорно“, истакна градоначалникот.
Паралелно со капиталните инвестиции, посочува дека обезбедиле средства и за исплата на сите субвенции што ги наследиле како несработена документација од претходното раководство – субвенции за велосипеди, азбестни кровови, инвертер-клими, чистење оџаци, средношколски стипендии и други мерки важни за граѓаните.
Дополнително, кажа дека обезбедиле и повеќе од 467,9 милиони денари субвенции за јавните претпријатија: „Паркови и зеленило“, „Комунална хигиена“, „Дрисла“, „Лајка“, „Улици и патишта“ и ЈСП.
„Тоа се средства со кои ги стабилизираме претпријатијата, ја овозможуваме нивната тековна работа и ги враќаме јавните услуги таму каде што треба да бидат, во служба на граѓаните. Особено важно е што, покрај Град Скопје, значително намалување на обврските има и кај јавните претпријатија. За само 4,5 месеци, обврските на јавните претпријатија се намалени за околу 38,5 милиони евра. Предводник во ова намалување е ЈП „Водовод и канализација“, каде што обврските се намалени за 1,55 милијарди денари, односно повеќе од 25 милиони евра. Но, намалување на обврските има и кај ЈСП, „Улици и патишта“, „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Градски паркинг“ и „Дрисла“. Ова покажува дека системот почнува да се стабилизира. Дека редот се враќа. Дека одговорното работење дава резултат“, порача Ѓорѓиевски.
Тој нагласи и дека освен намалувањето на долговите, успеале да воведедат ред и во исплатата на платите.
„Повеќе нема доцнење по два или три месеци, како што затекнавме на почетокот на ноември 2025 година, кога речиси сите претпријатија беа со неисплатени плати и К-15 за вработените. Денес, јавните претпријатија функционираат постабилно, ги реализираат своите инвестициски програми и капитални проекти, а нивната работа постепено се враќа во нормален и одговорен тек. За само 4,5 месеци, обврските на Град Скопје се намалени за околу 11,6 милиони евра. Тековните обврски на Градот се намалени за околу 5,5 милиони евра. Кредитните задолжувања се намалени за околу 2,2 милиони евра. Исплатени се 0,9 милиони евра долгови за експропријација. Исплатени се и утужени обврски во износ од речиси 2,5 милиони евра, при што мора да се нагласи дека наследивме околу 50 милиони евра обврски по основ на тужби, без пресметани камати и судски трошоци. Дополнително, исплатени се речиси 0,5 милиони евра преземени обврски по основ на субвенции, пензионирања, помош, комисии, управни и надзорни одбори, експропријации и спогодби, а префрливме средства и кон Градската изборна комисија“, вели Ѓорѓиевски.
