Утре ќе бидат расчистени сите нејаснотии околу тоа кој влегува, а кој излегува од министерската листа составена од кандидатите на СДСМ и коалицијата. Мандатарот Димитар Ковачевски, како што најавија од партијата, утревечер ќе го има последното усогласување со најтесното партиско раководство пред состанокот на централниот одбор каде ќе биде претставен новиот владин тим.
Во однос на кадровските решенија за новиот владин состав, денеска тој истакна дека тоа се луѓе кои ги отсликува ефикасноста во работењето, имаат сериозен професионален капацитет, чесност и желба да работат за граѓаните и општеството.
-Што се однесува до новиот владин состав и ресорите со кои ќе раководи СДСМ, станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација и резултати во своите ресори, изјави Ковачевски пред последните партиски советувања околу министерските кандидати од редовите на СДСМ и коалицијата.
Според последните неофицијални информации, кои доаѓаат од СДСМ, од досегашните министри кои ќе ги задржат истите позиции и во новата влада се вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, како и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Министерот за правда Бојан Маричиќ треба да биде вицепремиер за евроинтеграции, а новата потпретседателка на СДСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска се најавува како нова министерка за култура. Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски би требало да се врати на чело на министерството за земјоделство. Нови министерски имиња, како што се најавува, ќе има во министерствата за правда, одбрана, труд и социјална политика, при што ќе се води сметка за почитување на родовата рамноправност.
Единствена промена кај министерската листа на ДУИ ќе биде преминот на Јетон Шаќири во Министерството за образование и наука од МИОА. Од Алтернатива на чело на МИОА доаѓа Адмирим Алити, Беким Сали ќе го замени Венко Филипче во Министерството за здравство, а Џемаил Чупи ќе биде министер без ресор за дијаспора.
Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, смета дека новата Влада ќе го заврши својот мандат, до 2024 година, бидејќи според него новата коалиција нема за цел да има предвремени избори. Тој е оптимист дека оваа година земјава ќе ја одржи првата меѓувладина конференција со Европската Унија, означувајќи го отворањето на преговорите.
-Јас сум голем оптимист знаејќи некои дипломатски детали и преговори кои не се целосно јавни, но и да се базираме на информации од јавен карактер имаме изјава на новиот бугарски премиер кој даде рок од шест месеци, од друга страна го имаме актуелниот премиер кој зборува за јануари и февруари, мислам дека спорните прашања што останаа неостварливи или нерешени се многу малку. Затоа, мислам дека 2022 година е многу реална веројатност дека ќе дојде до отворање на преговорите, вели Гаши.
Од друга страна лидерот на БЕСА, Билал Касами не верува дека недоразбирањата меѓу Скопје и Софија може да ги реши новата Влада.
-Ова парламентарно мнозинство нема подготвеност, пред сè, но и легитимитет да ги реши недоразбирањата со Бугарија. Тоа е дополнителна причина, поради која треба да имаме нови избори. На тие избори, задолжително, една од точките за кои ќе треба да се расправа треба да биде и понудата на политичките партии за решавање на проблемот со Бугарија. Тоа е еден од важните услови за продолжување на евроинтеграцискиот процес. Затоа, треба да има нови избори, изјави Касами додавајќи дека по оставката на Зоран Заев од премиерската функција нема друг човек во СДСМ што располага со легитимитет за да продолжи да раководи со ова мнозинство.
Oд ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека лошата ситуација во економијата не можат да ја поправат луѓето кои ја предизвикаа, потсетувајќи дека Димитар Ковачевски подолг период беше заменик министер за финансии, а со тоа и главен виновник за лошата економска слика и инфлацијата која ни се случува. Според најголемата опозициска партија потребни се реални промени, а тоа е можно само со предвремени парламентарни избори и нова влада.
Новиот мандатар Ковачевски најави дека на 11 јануари, ќе го поднесе предлогот за членови на нова влада до Собранието. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека гласањето за избор на новата влада би било вечерта на 16 јануари, а таа би ја преземала функцијата на 17 јануари. Веќе следниот ден на 18 јануари, со посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на земјава, новиот премиер и новата влада ќе ја имаат и првата работна задача за да ги договорат следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања.