Завршена е изградбата на новата водоводна и канализациска мрежа на улицата „Фаик Коница“, поранешна „Дижонска 15“, во Општина Чаир. Проектот е реализиран со финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање во вредност од 6,9 милиони денари.

На увидот по завршувањето на работите присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа и претседателот на Советот на Општина Чаир, Мухамет Муртези.

Проектот е дел од пошироките активности за целосна реконструкција и унапредување на комуналната инфраструктура во населбата Дижонска, со кои се опфатени водоводната, канализациската и атмосферската мрежа.

– Обезбедувањето модерна и сигурна комунална инфраструктура е една од клучните цели на Министерството. Овие проекти се основа за зелен пресврт, бидејќи со нив решаваме долгогодишни проблеми, создаваме подобри услови за живот и градиме системи што одговараат на потребите на граѓаните – рече Хоџа.