Новата српска влада сигурно ќе биде влада за кризни времиња, изјави денеска мандатарката Ана Брнабиќ и оцени дека „за жал постојано работиме во кризи“, но дека она со што ќе се соочи новата влада не е видено од Втората светска војна – енергетската криза, почетокот на третата светска војна „на прокси начин“, инфлацијата и борбата за храна. Собранието за утре закажа седница за измени на Законот за министерства, со кој новата Влада ќе има 4 министерства повеќе, јави дописникот на МИА од Белград.
-Секако, Владата ќе биде за кризни времиња. За жал, веќе сме навикнати на кризни времиња откако СНС и претседателот Вучиќ ја презедоа одговорноста за тоа како се живее во Србија. Кризите некако се сменуваа, а ги имаме и последните, пандемиската и мигрантската, кои сè уште траат, рече Брнабиќ во гостувањето на ТВ Хепи.
Таа изјави дека главен приоритет на идната влада ќе биде новата енергетска политика и оцени дека енергетиката е „прашање на националната безбедност“.
-Ако сакаме да ја зачуваме независноста во одлучувањето, да одлучува нашиот народ, а не да одлучуваат странците користејќи ги лостовите на моќта, мора да ја смениме енергетската политика, рече Брнабиќ.
Што се однесува до формирањето на Владата, Брнабиќ рече дека таа ќе биде формирана до 1 ноември и дека ќе има изненадувања.
-Ќе има изненадувања, тоа можам да го потврдам и во самата структура на Владата и во кадровските решенија, но нема да зборувам за тоа. Уште еднаш само ќе кажам дека тоа мора да биде Влада која храбро ќе се бори за независност на Србија и заштита на нашите национални интереси, истакна Брнабиќ.
Претседателот на Собранието на Србија, Владимир Орлиќ за утре во 12 часот свика собраниска седница со една точка на дневен ред – Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за министерствата што го поднесоа 148 пратеници.
Според него, новата влада ќе има 25 ресори.
Претходната влада имаше 21 министерство и двајца министри без ресор.
За разлика од претходната влада, во новиот ресор ќе бидат одвоени трговијата, туризмот и телекомуникациите. Се формираат Министерството за внатрешна и надворешна трговија, како и Министерството за информирање и телекомуникации. Информирањето во претходната влада го делеше ресорот со култура.
За туризмот ќе се грижи новоформираното Министерство за туризам и млади. Затоа, наместо Министерство за млади и спорт, во идната влада ќе има министерство кое ќе се занимава само со спорт.
Наместо Министерството за образование, наука и технолошки развој, Владата во иднина ќе има посебни министерства за образование и за наука, технолошки развој и иновации.
Ќе се формира и ново Министерство за јавни инвестиции.