Нови државни 100.000 евра за омилената владина агенција „Рејтинг“, овојпат од сметката на Министерството за надворешни работи, за рекламирање на претседавањето на Македонија со ОБСЕ. Министерот за навдворешни работи потврди дека агенцијата на Никола Спасов го добила тендерот, но се правда не била ангажирана за пи-ар, што е нејзината специјалност, туку за организација на целата завршна конференција.
Пред некој ден дојдоа од ОБСЕ од Виена за да проверат точно дали „Борис Трајковски“ ги исполнува стандардите. Очигледно ќе треба одредени доградувања за да се создадат нови простории, меѓутоа конечна одлука е дека ќе биде во „Борис Трајковски“. Сето тоа ќе треба да се организира, брендира според стандардите на ОБСЕ. Тоа е најизискувачка операција која оваа држава ја имала и има едно меѓуресорско работно време кое од минатата година работи и во кое се претставници од МВР, аеродромите на ТАВ затоа што во еден час треба да слетаат 70 министри за надворешни работи. Најголемата ставка ќе биде министерскиот состанок, со што трошоците тука ќе зависат од тоа како ќе се среди просторот и во однос на возилата. На пример, засега е многу тешко да најдеме 70 возила што ги исполнуваат стандардите. Бараме начини како да најдеме спонзори по однос на возилата за да немаме трошоци. Некои трошоци ќе зависат од тоа дали ќе најдеме спонзори или не, меѓутоа ќе бидеме транспарентни во текот на целата година во однос на трошоците, рече Османи кој спомена и опција да се позајмат возила од земјите од регионот.
Во однос на обвинувањата дека МНР за 100 илјади евра ангажирало пи-ар агенција да работи на промоција на претседавањето со ОБСЕ и троши народни пари и покрај тоа што и министерството и Владата имаат своја служба за односи со јавност, шефот на дипломатијата појасни дека со тие пари ќе се платат трошоци за организирање на Министерскиот совет, што не можат да го прават кадри на МНР.
Агенцијата е „Рејтинг“, набавката е шест милиони денари (околу 100 000 евра) и се одлучивме за тоа затоа што нема таков кадар во Министерството во однос на дизајнери, брендирање, стратегиски комуникации со надвор во однос на промовирање со државата. Претседавањето со ОБСЕ ќе биде многу поскапо од тие шест милиони денари, но сметаме дека придобивките ќе бидат многу, многу поголеми отколку трошоците што ќе ги имаме, а верувајте трошоци имаме секојдневно, имаме голема мисија во Виена со над 11 луѓе, можеби секој од нив троши по толку годишно во смисла на станови, плати. Меѓутоа, ова е инвестиција во која свесно сме влегле и ова е престиж и големо признание за државата. 56 земји да ве изберат со консензус и вие да претседавате во најтешката година за организацијата е голема привилегија и можност. Така што, да ќе има одредени трошоци, ќе се обидеме да бидат минимални, рече Османи.
Османи верува дека придобивките од претседавањето се поголеми од овие трошоци и рече дека во оваа голема инвестиција сме влегле свесно бидејќи е голема промоција за државата. Покрај најгомеиот трошок за организирање на завршната конференција, Османи наброја дека пари ќе се трошат и за организирање на други настани како голема конференција за антисемитизам што ќе се одржи во Скопје на 6 февруари со 200-300 учесници, платите и престојот на членовите на нашиот тим во мисијата во Виена и патувања.