Според одлуката донесена на денешната седница на косовската Влада, исто така се скратува работното време на угостителските објекти, кои наместо до 22.30, во нардиниот период ќе можат да работат до 21 часот и 30 минути, и тоа само на терасите и со користење на 70 отсто од капацитетите.
Кабинетот на Албин Курти попладнево одлучи и да го одложи почетокот на учебната година за основците и средношколците до 13 септември, а до наредната одлука на Владата остануваат во сила забраните за организирање свадби и други семејни веселби, како и ученички и студентски екскурзии и матурски вечери.
При влез во Косово потребно е да се приложи сертификат за вакцинација со една или две дози, негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа, или серолошки тест не постар од 30 дена. Лицата кои не поседуваат еден од тие документи треба под заклетва да потпишат изјава за седумдневна самоизолација.
Во Косово последните недели се забележува видно зголемување на бројот на новозаразени, главно од новата варијанта делта на коронавирусот, така што само според денешниот 24-часовен извештај на здравствените власти, беа евидентирани рекордни 1.890 нови случаи, од извршени над 13 илјади тестирања. Вчера и ден претходно беа забележани по рекордни 18 смртни случаи на заболени од Ковид-19, а бројот на активни случаи изнесува речиси 26 илјади.