Во врска со настанот кој се случи вчера во Казнено – поправниот дом Идризово, Управата за извршување на санкции иформира дека на ден 20.10.2022 година околу 15:30 часот, на шеталиштето каде слободното време за прошетка на отворено го користат осудените лица кои се со затворен третман, две осудени лица со иницијали Т.М. и О.А. физички ги нападнале осудениот Б.Ј и друго осудено лице кое шетало со него, нанесувајќи удари во телото и главата.
-Веднаш било интервенирано од страна на припадниците на затворската полиција кои го обезбедуваат шеталиштето, а осудените лица биле разделени. Двете осудени лица врз кои е извршен нападот, веднаш биле спроведени во затворската амбуланта за укажување на помош, а била повикана и екипа на итна медицинска помош која препорачала да бидат прегледани и во Клиничкиот центар – Скопје по што биле спроведени. Во вечерните часови осудените лица дале писмена Изјава за нивното видување на настанот, се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Против осудените лица кои го извршиле физичкиот напад се комплетира документацијата за спроведување постапка за дисциплинска одговорност.
За овој настан, службени лица од Управата за извршување на санкциите ќе извршат и вонреден надзор на установата со цел да се утврди фактичката состојба.
Во текот на денешниот ден осудениот Б. Ј е спроведен и на дополнителен преглед во Клиниката за абдоменални болести.