Операцијата е завршена

Државната телевизија објави фотографии од локацијата кои покажуваат дека воздухопловот удрил во планински врв, иако нема официјални информации за причината на падот. Шефот на Црвената полумесечина, рече дека телата на претседателот и неговата придружна делегација се транспортираат, а операцијата за пребарување е завршена.

„Хеликоптерот со г. Раиси, популарниот претседател кој вчера отпатува во провинцијата Источен Азербејџан за да ја отвори браната Кода Афарин и неколку други национални и провинциски проекти, се урна додека се враќаше од браната и се движеше кон рафинеријата во Табриз, поради лоши временски услови“, изјави на ТВ канал на Исламската Република Иран.

Снемжни врнежи, густа магла и непристапен терен

Снежните врнежи, густата магла и непристапниот терен ги отежнаа спасувачките напори. Според иранските власти, леталото со кое патувал 63-годишниот ирански шеф на државата било дел од конвојот од 3 хеликоптери кои се враќале од границата со Азербејџан. Пријавено е тешко слетување додека минувале планински терен, по што се губи секаква трага на воздухопловот.

„Почитуваниот претседател и придружбата се враќаа од посета на граничната област со неколку хеликоптери. Еден од хеликоптерите беше принуден да слета поради лошото време и маглата“, изјави Ахмад Вахиди, министер за внатрешни работи на Иран.

Река народ во Техеран

Група поддржувачи се собраа во центарот на Техеран доцна синоќа. Помош во потрагата меѓу првите понудија Ирак и Азербејџан, а поддршка изразија и Катар, Турција и Русија. Москва и Анкара испратија тимови за пребарување и спасување. Европската комисија го активираше системот „Коперник“ за сателитско мапирање. По официјалното соопштение за смртта на претседателот и министерот за надворешни работи, иранскиот кабинет свика итен состанок.

Кој ја презема функцијата?

Според Уставот на Иран, првиот потпретседател, Мохамад Мокбер, ја презема улогата на вршител на должноста Претседател, со одобрение на врховниот водач Ајатолахот Али Хамнеи. Дополнително, советот составен од Претседателот на исламското консултативно Собрание, шефот на судската власт и првиот заменик на претседателот, е должен да договори избор на нов претседател во максимум педесет дена.

Извор: МРТ