Основното јавно обвинителство Скопје во скратена постапка гони 46-годишник, осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Возилото му го пресекло патот
Според обвинителството, на 7 август околу пладне, осомничениот управувал автомобил „Сеат Алтеа“ по улицата „Радишанска“. На крстосницата со улицата „18“, каде што сообраќајот не е регулиран со сообраќајни знаци, тој свртел налево без да ги пропушти возилата што доаѓале од спротивната насока. Со тоа му го пресекол патот на мотоциклистот со „Кавасаки“, кој продолжувал во својата насока.
Мотоциклистот удрил во друг автомобил
За да избегне директен судир, мотоциклистот преминал во коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната насока. Таму со предниот дел од мотоциклот удрил во автомобил „Алфа Ромео“ што доаѓал од спротивната страна. Мотоциклистот Никола Макрачевски излетал од моторот и паднал на коловозот, при што се здобил со тешки телесни повреди од кои починал. Полесно бил повреден и возачот на „Алфа Ромео“.
Осомничениот го напуштил местото
По сообраќајката, осомничениот, наместо да укаже помош на повредените, го напуштил местото на несреќата. За негово обезбедување во текот на постапката, јавниот обвинител предложил мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за јавување во суд, привремено одземање на патната исправа и одземање на возачката дозвола.
