Во периодот што следува, Општина Карпош го продолжува својот голем инвестициски циклус со изградба на новата детска градинка „Пролет 2“, нови и унапредени спортски сали, како и реализација на мега-парк и нови зелени површини за подобрување на квалитетот на живот на локалните жители.

Во изминатиот период фокусот во Карпош беше насочен кон чистотата, подобрувањето на урбаната инфраструктура и создавањето подобри услови за секојдневие на граѓаните. Преземени се низа активности за уредување на општината, при што на критични локации се расчистени над 3.500 кубни метри наталожен материјал, а со отстранување на хаварисани возила се ослободени повеќе од 150 паркинг места.

Во делот на патната и комуналната инфраструктура, комплетно е завршена реконструкцијата на улиците „Џумајска“ и „Трифун Бузев“, реконструиран е дел од улицата „Бранислав Нушиќ“, а во моментов тече и реконструкцијата на улицата „Јуриј Гагарин“ во населбата Козле.

Целосно беа обновени и детските и спортските игралишта на повеќе локации во општина Карпош, меѓу кои кај фонтаната во Карпош 3, на плоштадот ПБК наспроти студентскиот дом „Гоце Делчев“, на улицата Никола Парапунов наспроти „Специјал“ во Карпош 4, во дворот на основното училиште „Ј. А. Коменски“, на улицата Љубљанска до Адреналинскиот парк, на неколку секции на улицата Јуриј Гагарин, на плоштадот Млечен, во населбата Жданец кај спортските терени, како и на улицата Козле 8 во Нерези.

Локалната самоуправа нагласува дека фокусот останува на нови инвестиции, подобрена инфраструктура, зголемено зеленило и поквалитетни услови за живот, со што Карпош продолжува да се развива преку конкретни проекти и видливи резултати.