Нова ескалација на тензиите на Блискиот Исток беше регистрирана попладнево откако Иран повторно изврши напади врз Кувајт. Поради заканата, кувајтските вооружени сили ја активираа противвоздушната одбрана, додека во соседен Бахреин повторно се огласија сирените за воздушна опасност.

Кувајтската армија соопшти на платформата Икс дека експлозиите што се слушнале биле резултат на дејствувањето на системите за противвоздушна одбрана при пресретнување на ракети и беспилотни летала. Засега не се објавени дополнителни информации за нападите, ниту има извештаи за жртви или материјална штета.

Во Бахреин, Министерството за внатрешни работи ги повика жителите веднаш да се упатат во засолништа по повторното активирање на сирените.

Нападите доаѓаат во период кога САД продолжуваат со воздушните удари врз цели во Иран, а Техеран возвраќа со напади врз земји во регионот каде што се распоредени американски воени бази. Кувајт и Бахреин, кои се меѓу клучните американски сојузници на САД во Персискиот Залив и се домаќини на американски воени објекти, и претходно денеска беа цел на ирански напади.