Новиот британски премиер Енди Барнам во првиот телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп ја истакнал посветеноста на Обединетото Кралство кон одбраната и безбедноста, соопшти Даунинг стрит.

Барнам, кој функцијата премиер ја презеде во понеделникот, му порачал на Трамп дека безбедноста на Велика Британија и нејзините сојузници ќе биде еден од неговите највисоки приоритети.

„Новиот челник на владејачките британски лабуристи ја потврди својата посветеност на одбраната и безбедноста и изјави дека безбедноста на Обединетото Кралство и неговите сојузници е негов врвен приоритет“, соопшти канцеларијата на Барнам.

Во разговорот биле разгледани и случувањата на Блискиот Исток, при што британскиот премиер го уверил американскиот претседател дека Лондон ќе придонесе за обезбедување безбеден транспорт низ Ормутскиот Теснец.

„Претседателот потоа извести за ситуацијата на Блискиот исток, а премиерот ја нагласи посветеноста на Обединетото Кралство да осигури безбеден превоз во Хомускиот теснец за да ги поддржи глобалните синџири на снабдување и да ги намали трошоците за бизнисите и семејствата низ целата земја“, изјави портпаролот на Даунинг стрит.

Барнам, кој претходно беше градоначалник на Голем Манчестер, воедно го поканил Трамп да го посети овој град во северозападниот дел на Англија.

Разговорот се одржа во период кога односите меѓу Вашингтон и европските сојузници во НАТО се под силно влијание на прашањето за издвојувањата за одбраната. Трамп во повеќе наврати ги критикуваше сојузниците од другата страна на Атлантикот поради недоволното инвестирање во воената безбедност, па дури и се закануваше со повлекување од одбранбениот сојуз.

Сепак, по последниот самит на НАТО во Анкара овој месец, американскиот претседател ги пофали европските сојузници и Канада за напредокот кон исполнување на целта за издвојување пет проценти од БДП за одбрана.

Енди Барнам ја презеде премиерската функција откако Кир Стармер поднесе оставка по зголемениот притисок од редовите на партијата и незадоволството во јавноста од начинот на кој неговата влада се справуваше со растот на трошоците за живот.