Македонските возачи кои планираат да патуваат или летуваат во Грција оваа сезона ќе треба да се прилагодат на нови, построги сообраќајни правила.
Со новиот Закон за сообраќај, воведен е нов стандард за комплет за прва помош (DIN 13164:2022), кој е значително пообемен и поскап од претходниот. Наместо старите сетови кои чинеа неколку евра, новиот комплет достигнува цена од околу 31 евро.
Доколку возачите немаат соодветна прва помош, казната изнесува 30 евра. Новиот сет мора да содржи 16 задолжителни елементи, меѓу кои термо-ќебе, облоги за изгореници и заштитни маски.
Покрај тоа, правилата предвидуваат задолжително поседување на противпожарен апарат, предупредувачки триаголник, рефлектирачки елек и резервна гума.
Дополнително, се воведуваат и пониски ограничувања на брзината во населени места, кои од досегашните 50 километри на час се намалуваат на 30 километри на час.
Новите мерки веќе се во сила и ќе влијаат врз сите возачи, вклучително и странските туристи.
