Илјадници граѓани вечерва излегоа на протест во центарот на Тирана, изразувајќи незадоволство од владеењето на премиерот Еди Рама, кој е на власт од 2013 година.
Протестот го организираше опозицијата предводена од Сали Бериша и неговата Демократска партија, а собирот се одржа на булеварот „Паднати борци на нацијата“, пред зградата на Владата и канцеларијата на премиерот.
Демонстрантите носеа транспаренти со пораки против владата и обвинувања за корупција, барајќи оставка од Рама.
Централното градско подрачје беше блокирано и под засилено полициско обезбедување, со присуство на специјални полициски сили.
Опозицијата во своите обраќања ја обвини Владата за корупција и лошо управување, нагласувајќи дека протестите ќе продолжат.
Во изминатите месеци, слични протести во Албанија ескалираа со судири меѓу демонстрантите и полицијата, поради што се апелира на внимателност при движење низ центарот на Тирана.
