Три нови случаи на западнонилска треска се потврдени во Македонија, со што вкупниот број на регистрирани случаи оваа сезона се искачи на 34, соопшти Центарот за јавно здравје Скопје во изјава за МРТ.

Вирусот првпат оваа сезона е детектиран и кај жител на скопско Арачиново. Според епидемиологот Љуљзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје – Скопје, во подрачјето има услови погодни за размножување на комарците.

„Нов случај денеска имаме во Арачиново, првпат денеска е детектиран случај оттаму. Има канали, базени, застојани води и можеби тоа е причината. Има услови за размножување на комарците“, вели Бајрами за МРТ.

Најголем број случаи досега се регистрирани во скопските општини Кисела Вода и Аеродром, а речиси половина од вкупниот број се од Драчево.

Бајрами смета дека следната година треба порано да започне дезинсекцијата, но и да се направи анализа за евентуална отпорност на комарците кон средствата што се користат. Доколку се утврди отпорност, според неа, би требало да се применат други средства.

Во Македонија досега се регистрирани и два смртни случаи поврзани со западнонилска треска. Починале пациенти на 72 и 83-годишна возраст, кои покрај вирусната инфекција имале и повеќе хронични заболувања.

Центарот за јавно здравје – Скопје на 12 август прогласи епидемија на западнонилска треска во повеќе скопски општини – Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.