Американската администрација планира да го ограничи времетраењето на престојот на странските студенти и новинари во САД, според владин документ објавен денеска. Мерката е нов потег во рамки на построгата имиграциска политика на актуелната администрација.
Со новите правила, кои треба да почнат да се применуваат во рок од два месеци доколку добијат одобрение од Конгресот, странските државјани со студентски визи нема да можат да останат во САД подолго од четири години.
Ограничувања ќе има и за странските новинари. Нивниот престој ќе биде сведен на најмногу 240 дена, односно околу осум месеци, со можност да поднесат барање за продолжување за дополнителни периоди со исто времетраење.
За новинарите од Кина ќе важат уште построги правила, бидејќи нивните визи ќе бидат ограничени на престој од најмногу 90 дена.
Досега, САД им издаваа студентски визи на странските државјани за целиот период на нивното образование, додека новинарите имаа можност да добијат визи со важност до пет години, пренесуваат француските медиуми.
Новата мерка, која американската влада ја предложи минатата година, ќе ги опфати новинарите акредитирани од стотици странски медиуми кои работат и известуваат од САД.
Повеќе меѓународни медиумски организации веќе реагираа на најавените промени. Во заедничко отворено писмо тие предупредија дека ограничувањето на престојот на новинарите може да доведе до „намалување на обемот и квалитетот на известувањето“ за случувањата во Соединетите Американски Држави.
