Иран предупреди дека ќе возврати со напади врз инфраструктурата во регионот на Персискиот залив доколку САД продолжат со напади врз ирански цели. Техеран го прогласи Ормускиот теснец за неповредлива „црвена линија“ и порача дека има целосна контрола врз овој стратешки поморски премин.

Портпаролот на иранската војска, бригадниот генерал Мохамед Акрамини, изјави дека контролата врз Ормускиот теснец не зависи од крајбрежните позиции и дека Иран може да влијае врз него од која било точка на својата територија.

„Американците мислеа дека со нападите врз нашите бази ќе можат да ја преземат контролата врз овој стратешки теснец. Иран има можност да го контролира Ормускиот теснец од која било точка на својата територија“, рече Акрамини.

Според иранските власти, американските сили пет ноќи по ред извршиле напади врз ирански цели и повторно воспоставиле поморска блокада на иранските пристаништа со цел да се овозможи повторно отворање на Ормускиот теснец. Техеран претходно го затвори теснецот по пропаѓањето на договорот за прекин на огнот.

Заканите од иранска страна следуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп претходно најави дека би можел да нареди напади врз ирански електрани и мостови доколку Иран не се врати на преговорите.

Акрамини порача дека секоја нова американска воена акција ќе биде проследена со ирански одговор кој ќе биде „посериозен, поширок и поразложен“.

Во меѓувреме, Иран соопшти дека извршил напади врз американски бази во Кувајт и Јордан, а истовремено ги предупреди соседните земји дека ќе бидат соочени со последици доколку дозволат американските сили да ја користат нивната територија за операции против Иран.

Во текот на ноќта, воздушни сирени се огласија во Бахреин, додека властите во Кувајт информираа дека реагирале поради закани од непријателски беспилотни летала. Иранската револуционерна гарда тврди дека погодила американски воени цели во Кувајт, додека Бахреин соопшти дека неговата противвоздушна одбрана пресретнала повеќе ирански воздушни напади.