Учебници за сите ученици во новата учебна година

Министерството за образование и наука ја започна оваа учебна година со целосно завршена испорака на учебници за сите ученици. Решението дојде преку нов Закон за учебници, изготвен во партнерство со сите засегнати во изработката, одобрувањето и доставувањето на учебници. Со тоа беше надминат предизвикот кој остана нерешен за време на четири претходни министри.

Целосно нови изданија има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско средно образование, како резултат на новите наставни програми. По седум години, за прв пат се обезбедени и нови учебници по сите странски јазици. Министерството најавува дека изработката на програми и учебници ќе продолжи и во наредните учебни години како дел од етапната реформа во националниот образовен систем.

Нови наставни програми и учебници како етапна реформа

Тиражот што беше побаран од училиштата целосно е испечатен и навремено испорачан. Дополнително, на располагање на наставниците и учениците се ставени и електронските изданија на одобрените учебници, како опција покрај печатените примероци.

Министерството потенцира дека сите обиди на СДСМ да го девалвираат трудот и посветеноста се неосновани и неточни. Според нив, создадени се услови за наставата да биде квалитетна и достапна за сите ученици.

Промените ќе донесат поконкурентни генерации

„Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех“, велат од Министерството за образование и наука.