Новите фотографии кои вчеравечер протекоа во јавноста дека пукачот го чекал Штекли и пријателот кај подземната обложувалница влеваа и нови сомнежи кај познавачите на оваа проблематика. Имено, човекот кој проба да го ликвидира Раде Штекли, својата жртва ја чекал во спортска обложувалница на првиот подземен кат во Ист Гејт мол.

Во заседата според првичните претпоставки најверојатно е вклучено уште најмалку едно лице како логистика кое било на вториот кат во трговскиот центар каде се наоѓа фитнес центарот.

Таму редовно вежбале „Штекли“ и неговиот пријател „Колумбо“. Откако ја напуштиле теретаната второто лице му јавило на лицето кое требало да ја изврши егзекуцијата дека тие се упатиле кон планираното место на заседа, ескалаторот каде жртвите не можеле да се сокријат или избегаат.

Егзекуторот ги застрелал и двајцата по што се дал во бегство. На сликите и видеата се гледа дека младиот напаѓач е облечен во бел дуксер, а пиштолот го носи во џебот. На главата има бејзбол капче и безжични слушалки.

Во моментот на пукањето трговскиот центар бил полн со случајни посетители кои лесно можеа да станат мета на напаѓачот со оглед на тоа што имаше луѓе и на неколку метри од ранетите.

Раде Трајковски е ранет полесно и е на болничко лекување, а неговиот пријател е потешко повреден и со сериозни повреди чека втора операција на Клинички центар.

Нападот се случи во вторникот околу 15 часот, а министерот за внатрешни работи потврди дека станува збор за пресметка на кланови.