Денеска и утре во Софија ќе се одржи нова средба на македонско-бугарската Заедничка комисија за прашања од историјата и за учебниците. По се изгледа, членовите на македонскиот дел од комисијата во Бугарија заминале преку Куманово и Крива Паланка и не можеле да ги искористат услугите на новата авио-линија, зашто таа официјално треба да почне да функционира многу скоро, анализира „Пресинг ТВ.
По неуспешната последна, 16-та средба, во Скопје, во декември лани, веќе стана неизвесно и за каков дневен ред ќе дискутираат членовите на Комисијата. Како што тогаш соопштија нашите претставници, тие не успеале да ги надминат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на одбри односи ослободени од политизирање на историјата.
Од тоа што до сега е познато, Комисијата успеала да постигне согласност за светите Кирил и Методиј, како и за светите Климент и Наум, но и натаму е неизвесно дали по првичните позитивни резултати, од дневен ред конечно е симнат и цар Самоил. Зашто, неговото име се наоѓа де меѓу решените, де меѓу не решените личности. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во еден од настапите пред медиумите го вброи меѓу они личности за кои е веќе постигната согласност.
До сега, за ниту една личност не е објавен протоколот од кој ќе може да се види содржината и формулацијата, што ќе се користи и во учебниците и во историјата. Оттука, и дилемата, на пример, како ќе се учи и чествува цар Самоил?
Првиот човек на бугарскиот дел од Комисијата, Ангел Димитров, неодамна, во интервју за софиски „Труд“, одговарајќи на новинарско прашање да објасно на што се должат споровите за цар Самоил изјави:
-Да, во протоколот се велеше дека тој е бугарски владетел, продолжувач на бугарската царска традиција. Кога подоцна стана збор тоа да биде ставено во учебниците, нашите колеги избегаа од таа определба-тоа не било за учебниците, туку само за политичка употреба. Тие двојни стандарди се одраз на една нивна методологија.
Од друга страна, во декември 2020 година, значи пред две години, првиот човек на македонскиот дел од Комисијата, Драги Ѓоргиев, кога станува збор за цар Самоил изјави:
-Од наша страна, понудивме при претставувањето на цар Самоил во учебниците, учениците да имаат две перспективи на таа Самоилова држава: дека е наследник на средновековното Бугарско царство, но и дека има тези дека е независно царство. Од бугарска страна се инсистираше да биде само царство кое ја наследува традицијата на првото Бугарско царство. Тука заглавивме, тие инсистираа само на нивното гледање.
Што се изменило во меѓувреме, кога е постигната согласност и која е точната формулација за цар Самоил, како што тврди министерот Османи, се уште е непознато. Ќе имаме цар Самоил за учебници, за политичка употреба или и за учебници и за политичка употреба?!-прашува во анализата „Пресинг ТВ“.