На митингот во Вевчани, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски порача дека на претстојните локални избори Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе претрпи уште еден тежок пораз.
Тој рече дека е лицемерно лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да тврди оти нема да води негативна кампања, а во следната реченица да ја злоупотребува трагедијата во Кочани, додека воедно се подготвуваат нови отстапки кон источниот сосед преку т.н. црвени линии.
Мицкоски обвини дека со вакви потези опозицијата го покажува своето вистинско лице:
„Тоа е всушност реалното лице на опозицијата која во најновите пазарџиски трикови сака и да спакува нов поклон за нашиот источен сосед. Тоа е подарок којшто тие го нарекоа Резолуција или црвени линии, после кој СДСМ сака, нормално, да изроди некоја нова отстапка на грбот на македонскиот народ, на грбот на македонските граѓани. Сосема сигурно оттука може да се заклучи ако францускиот т.н. предлог беше толку прекрасен и Венко ни велеше дека идентитетот бил заштитен, тогаш прашањето ни е зошто, тогаш, ни требаат овие црвени линии, коишто се дел од т.н. резолуција на СДСМ. Одговорот лежи во тоа дека СДСМ, повторно, со трикови сака да направи некој нов бонбона бизнис, познат за нив како карактерна особина од минатото“, истакна Мицкоски.
Во своето обраќање тој додаде дека граѓаните мора масовно да излезат на избори и јасно да ја изразат волјата, бидејќи власта треба да произлегува од народот, а не од „тесни клики кои владеењето го гледаат само преку призмата на наместени тендери“.