Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска го донесе Упатството за радиодифузерите за Локалните избори 2025, по завршување на јавната консултација и со цел да се појасни начинот на примена на одредбите од Изборниот законик.
Со Упатството се регулирани правилата за лимитите на платеното политичко рекламирање (ППР), означувањето на нарачателите, распределбата на времето во вести кај Јавниот радиодифузен сервис, како и обезбедувањето на пристапност на изборните содржини за лицата со попреченост.
– За време на изборната кампања во првиот круг на гласање, радиодифузерите можат да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време на реален час емитувана програма, исклучиво за ППР. Упатството точно ја утврдува распределбата на овие минути меѓу учесниците во изборниот процес. Во вториот круг времето за ППР ќе зависи од кандидатите кои ќе продолжат во трката, а распределбата ќе остане иста како во првиот круг, информираат од АВМУ.
Собранискиот сервис, пак, ќе обезбеди секој ден три часа за бесплатно политичко претставување на кампањите на партиите застапени во Собранието, како и еден час за кампањите на листите кои не се застапени во парламентот. Во вториот круг ќе се емитуваат бесплатно претставување на кандидатите за градоначалници кои продолжуваат во изборната трка.
Јавниот сервис и телевизиите на државно ниво кои објавуваат платено политичко рекламирање, мора да ги направат изборните содржини достапни за лица со попреченост. Целото Упатство за радиодифузерите е достапно на веб страницата на АВМУ, www.avmu.mk.