Преговорите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со Русија за прекин на војната во Украина се проширија во договор од повеќе милијарди долари што директно би им користел на блискоисточните бизнисмени поврзани со врвните американски преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер, открива „Њујорк тајмс“.
Во центарот на договорот е преземањето на меѓународните средства на „Лукоил“, една од најголемите руски енергетски компании, која вклучува нафтени полиња, рафинерии и бензински пумпи низ целиот свет, а договорот директно зависи од одобрението на Кремљ и на Белата куќа.

Конзорциумот што ја предводи трката за купување го вклучува американскиот инвеститор Тод Боели, кој донирал 2 милиони долари за политичките каузи на Трамп, две моќни групи од Блискиот Исток поврзани со Кушнер и семејството Виткоф, како и Владата на САД.
Договорот го предложи Владимир Путин кога се сретна со Виткоф и Кушнер во Кремљ на 5 септември, предлагајќи ја продажбата како доказ за Русите дека повторно можат да соработуваат со САД, додека американските преговарачи ја сметаа за можност да ја придобијат наклонетоста на Москва и да ги намалат глобалните цени на горивата.
Алармантно преплетување на интереси
Иако нема докази дека Виткоф или зетот на Трамп, Кушнер, лично профитирале од трансакцијата, случајот претставува опасно преплетување на приватни деловни врски и висока геополитика.
Портпаролката на Виткоф негираше каков било конфликт на интереси, велејќи дека тој „патува низ светот на свој трошок за да преговара за мир и да враќа заложници“, но поранешниот федерален обвинител Хуи Чен предупредува на неприфатливи врски:
„Ова е алармантно испреплетување на интереси. Се поставува прашањето дали приватните врски влијаат врз одлуките на администрацијата за тоа кој ќе добие работа“.
Паралелно со преговорите за „Лукоил“, во прашање се и директните деловни односи со кругот на Трамп. Меѓу клучните инвеститори е катарскиот конгломерат на браќата Мутаз и Рамез Ал-Кајат, кои со Кушнер и Иванка Трамп финансираат изградба на луксузен одморалиште во Албанија, како и инвестициски фонд од Абу Даби контролиран од шеикот Тахнун бин Зајед Ал Нахјан. Шеикот Тахнун не само што инвестира во приватниот фонд на Кушнер, туку претходно купи голем удел во крипто компанија основана од Трамп и Виткоф.
Имотот на „Лукоил“ се проценува на 20 милијарди долари
Откако САД воведоа санкции врз „Лукоил“ пред една година, руската компанија беше принудена да ги продаде своите меѓународни операции, чија вредност се проценува на околу 20 милијарди долари. Меѓу најважните средства се рафинериите во Холандија, Бугарија и Романија кои произведуваат дизел и авијациско гориво, кои се стратешки исклучително важни во моменти на нарушувања на глобалниот пазар на нафта.
Американската влада планира да учествува во бизнисот преку својата агенција за развој ДФЦ (Меѓународна корпорација за финансирање на развој). Претставниците на агенцијата потврдија дека преговараат за инвестиција, тврдејќи дека преземањето на средствата на „Лукоил“ ќе ја зајакне енергетската безбедност на сојузниците, ќе им донесе значителен профит на американските даночни обврзници и ќе спречи стратешката инфраструктура да остане во рацете на противниците.
Одлуката е во рацете на Путин и на Трамп
Иако инвестициската фирма „Карлајл“ имаше принципиелен договор за купувањето во јануари, процесот застана во Вашингтон, отворајќи го патот за конзорциум од сојузници на Трамп и милијардери од Блискиот Исток. За да може договорот воопшто да помине, зеленото светло мора да го даде Министерството за финансии на САД, кое го надгледува спроведувањето на санкциите и формално ја спроведува надворешната политика на Белата куќа.
Бидејќи „Лукоил“ во Русија е под строга контрола на Кремљ, последниот збор за судбината на нафтените полиња во Африка, европските рафинерии и стотиците пумпи во САД се сведе на договор меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп. Поради повеќемесечното одложување на одлуката, американските власти мораа привремено да ги продолжат исклучоците од санкциите неколку пати, за да не бидат принудени пумпите на „Лукоил“ во САД веднаш да го стават клучот во бравата.
