Нуклеарната централа Запорожје е исклучена од надворешното напојување на територијата на Украина и е префрлена на дизел генератори, се наведува во соопштението од нуклеарката објавено на Телеграм.

– Поради исклучувањето на високонапонскиот вод од 750 киловолти, нуклеарната централа Запорожје го загуби надворешното напојување со електрична енергија. Моќта за сопствени потреби ја обезбедуваат дизел генератори.  Нема зголемена радијација на местото на нуклеарната централа, се истакнува во соопштението.

Запорожје е најголемата нуклеарна централа во Европа, со шест блокови. Станицата не произведува струја од 11 септември 2022 година. Пет реактори се во ладен режим, а еден работи за да ги задоволи потребите на електраната.

Од март минатата година нуклеарната централа Запорожје е под контрола на руските сили, а од 1 септември минатата година таму дежураат неколку експерти од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), кои се менуваат периодично.