Нуркачки тимови од САЕ Тигар веќе втор ден се обидуваат да го пронајдат и извлечат телото од вештачкото езеро Глажња во Липково на 30-годишно лице од Никуштак кое вчера околу 14 часот влегло во водите на браната, но не излегло од нив. Нешто по добивањето на пријавата, три нуркачки тима на САЕ Тигар пристигнале на местото и започнале акција за пребарување во водите, при што во текот на вчерашното попладне стигнале до 20-тина метри длабочина, по што видливоста во браната значително се намалува.
Мисијата за пронаоѓање на удавеното лице продолжи и денеска, од раните утрински часови, а врвно обучени припадници на САЕ Тигар вложуваат максимални напори што поскоро да го пронајдат телото. Во недостаток на прецизни процедури – која од неколкуте институции одговорни за дејствување во вакви ситуации треба да биде на терен, а со оглед на фактот што за кусо време ова е втора акција на нуркачите на САЕ Тигар за потрага по тело на лице потонато во водите на брана, МВР е редовно меѓу првите на местото на немилите настани и на дело го спроведува концептот со сите свои расположливи ресурси да е секогаш во служба на граѓаните.