Поранешниот американски претседател Барак Обама е на турнеја во Австралија, а во еден од своите говори се осврна на темата за жени во политика, пишува „Хералд сан“.
Обама во Меѓународниот конгресен центар во Сиднеј истакна дека светот би бил подобро место доколку го водат жени, макар и само неколку години.
„Всушност сум убеден дека ако можеме да направиме експеримент во кој жените ќе бидат на чело на секоја држава околу две години, сигурен сум дека светот ќе се движи во подобра насока“, рече тој.
Неговата изјава беше проследена со овации и аплаузи, а Обама додаде: „Пред да почнете да навивате, не велам дека не правите и луди работи, затоа не се фалете премногу“.
„Живеам во домаќинство со три жени, па видов некои работи“, објасни тој.