Полицаец од обезбедувањето на Мицкоски во притвор за оддавање службена тајна
Ангел Сарамаков од Велес, полицаец и член на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, доби 30-дневен притвор под сомнение за кривично дело „оддавање службена тајна“, дознава „Скопје1“.
Со ваквата одлука Владата информираат дека борбата против криминалот е неселективна, и тоа што станува збор за член задолжен за обезбедувањето на премиерот е причина плус да се делува строго и според законите.
Приведување и истрага
Сарамаков беше уапсен во акција на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во МВР. При што беше затекнат во возило „БМВ“ заедно со уште едно лице кое засега не е под истрага. При претресот, кај него бил пронајден ранец со службени материјали од МВР, а од двете лица биле одземени мобилните телефони.
„Во рамки на акцијата, извршени се претреси на повеќе локации, при што се пронајдени и одземени електронски уреди, службени документи и други предмети релевантни за истрагата. Полицискиот службеник постапувал спротивно на законските и подзаконските акти на МВР, неовластено поседувал службени материјали и ги откривал на трети лица“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Поврзаност со нарко-кланови?
Некои медиуми објавија дека материјалите можеби требало да завршат во рацете на лица засегнати од постапувањата на МВР, односно нарко-кланови, но овие информации остануваат непотврдени. Поради тајноста на истрагата, засега не се откриваат детали за документите, нивниот извор и наменетите приматели.
Сарамаков е спроведен во затворот во Шутка, каде ќе ја издржува мерката притвор.