Мировните преговори меѓу Авганистан и Пакистан бележат напредок, а двете страни покажуваат подготвеност повторно да седнат на преговарачка маса, со посредство на Кина, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.

Таа посочи дека станува збор за позитивен развој по период на сериозни тензии и судири, оценети како најтешки од враќањето на талибанците на власт во 2021 година.

„И Пакистан и Авганистан придаваат важност и го поздравуваат посредништвото на Кина и се подготвени повторно да седнат на преговарачка маса, што е позитивен развој“, рече Мао Нинг на прес-конференција.

Не беа откриени детали за локацијата на разговорите, иако претходно беше најавено дека тие би можеле да се одржат во Урумчи, град во северозападна Кина.

Пекинг, кој граничи со двете земји, во последниот период активно се вклучи во обидите за намалување на тензиите меѓу поранешните сојузници, чии односи значително се влошија. Во март беа организирани телефонски разговори меѓу министрите за надворешни работи на двете земји, а во регионот беше испратен и специјален кинески претставник.

Од кинеското Министерство посочуваат дека се во постојана комуникација со двете страни со цел да се создадат услови за напредок во преговорите и да се обезбеди платформа за дијалог, најавувајќи дополнителни информации во наредниот период.

Судирите меѓу Пакистан и Авганистан, кои започнаа во октомври, одзедоа бројни животи од двете страни на границата, при што најпогодени се цивилите во Авганистан.

Властите во Исламабад ги обвинуваат авганистанските талибанци дека им даваат засолниште на милитанти кои вршат напади на пакистанска територија, додека Кабул ги отфрла овие обвинувања и тврди дека станува збор за внатрешен безбедносен проблем на Пакистан.