Претежно облачно време ќе преовладува денеска низ земјава, со повремени локални врнежи од дожд, најизразени во северозападните и југоисточните делови. На повисоките планини врнежите повремено ќе бидат во форма на слаб снег.

Ќе дува умерен југоисточен ветер, а долж Повардарието тој повремено ќе засилува. Утринските температури ќе се движат меѓу 3 и 7 степени, додека дневните ќе достигнат од 8 до 12 степени Целзиусови.

Во Скопје претпладне ќе има променлива облачност со појава на магла, додека попладне се очекуваат сончеви периоди и услови за повремени локални врнежи од дожд. Температурата ќе се движи од минимални 3 до максимални 12 степени.

Според најавите на синоптичарите, утре следува влошување на временските услови, со пообилни врнежи од дожд и можност за ретки грмежи. Нестабилното време ќе продолжи и во вторник, најдоцна до вечерните часови.

Во среда претпладне се очекува претежно сончево време, но попладне повторно ќе има зголемување на облачноста. Нов бран врнежи се најавува во текот на ноќта и во четврток, кога на планините дождот ќе премине во снег.