Националниот метеоролошки центар издаде портокалов метеоролошки аларм за снежни виулици, што е второ највисоко ниво во системот за предупредување од четири степени во Кина. Во одредени области се предвидуваат врнежи од снег и до 30 сантиметри.
– Пекинг беше најтешко погоден утрово. Неколку делови од автопатиштата се затворени, автобускиот сообраќај е привремено во прекин на повеќе од 160 линии, а намален е и бројот на летови до двата главни аеродроми во градот, објавија државните медиуми, пренесува Бета.
Брзите возови за Тијанџин и Шангај се откажани или одложени.
Градските власти соопштија дека снегот од населбите каде има случаи на зараза од Ковид-19 нема да се отстранува, објавија државните медиуми. Тие не наведоа зошто, но Кина воведе невообичаено строги мерки во пристапот на нулта толеранција во сузбивањето на ширењето на вирусот.
Во автономната област Внатрешна Монголија, во саботата беа откажани летовите на аеродромот Хохот, главниот град на тој регион, јави агенцијата Ксинхуа. Исто така, некои автопати се привремено затворени во провинцијата Хебеи, која го опкружува Пекинг, и на запад во провинцијата Шанкси, наведува агенцијата Ксинхуа.