Македонскиот институт за медиуми објавува конкурс за новинарски награди „Никола Младенов 2021“ на кој ќе бидат доделени три годишни награди за најдобра истражувачка сторија, најиновативен новинарски производ и најдобра репортерска фотографија.
Како што информираат организаторите, на конкурсот може да се пријават сите новинари и фоторепортери кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери со нив.
Пријавените материјали треба да бидат објавени во текот на 2021 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во земјава.
Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу три различни теми во првите две категории, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози. Секој фоторепортер може да учествува со најмногу три фотографии, кои биле објавени во весник, на интернет-портал или новинска агенција.
Како и досега, пријавените материјали ќе ги разгледува комисија од релевантни претставници на медиумската и на јавната сфера.
Конкурсот е отворен до 7 март годинава.