Во вчерашната акција на Кванташки пазар инспекторите на Државниот пазарен инспекторат во координација со Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи одземале над 15 тони овошје и зеленчук, соопшти на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој потенцира дека прекршочни пријави ќе има за управителите на „Кванташки”- компанијата Анмарк Мк ДООЕЛ. Како што посочи, ќе има казни за увозници на овошје и зеленчук како што се компаниите „Савари“, „Астра фреш“, „Атлантик“, „Нектар фреш“, „Ема стил“, „Фрута-Фрукта“, „Стрима“, но и за компании кои се занимаваат со малопродажба како што се „Веро”, „Стокомак”, „Кипер”, „КАМ”, „Тинекс”, „Зендолино комерц“ и „Миса Мкб“. Тој рече дека во текот на оваа недела ќе бидат доставени и кривични пријави за непочитување на одлуките на Владата.

Бектеши најави дека Одлуката за замрзнати цени на основни прехранбени производи ќе се продолжи и во наредниот период.

Акциите и контролите нема да престанат тука, туку ќе продолжат да се направат секојдневно до завршување на одлуката, а одлуката имајќи во предвид дека не се почитуваше до крај ќе продолжи да важи и во наредниот период, рече Бектеши.

Министерот потенцираше дека избегнување на давачки од над 10.000 евра е кривично дело и веќе се утврдени прекршоци во овој дел за што ќе следат кривични пријави.

Утврдивме дека некоклку компании тоа го направиле, при крај се анализите на Финасиска полиција и за други компании и до петок ќе бидат покренати кривични постапки. Владата, институциите си ја вршат навремено својата работа, со цел да ги заштитат потрошувачите и да не дозволат во вакви времиња да се прават профити, рече Бектеши.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски изјави дека на „Кванташки“ биле констатирани многу прекршоци, каде се затекнати трговци кои не водат евиденција во трговија. Посочи дека одземените стоки се предадени до Агенцијата за управување со одземен имот.

Она што е затекнато е дека и физички лица кои немаат регистрирана дејност вршат продажба на производи. Во рамките на нашите надлежности ќе продолжиме да вршиме контроли низ целата држава и нема да дозволиме непочитување на мерките. Од она што вчера е констатирано е дека има трговци кои не водат евиденција спротивно на член 28, став 1 од Законот за трговија и сторени прекршоци по член 57 став 1 од Законот, член 51 став 1, точка 6 од Законот за трговија одземени се стоки во вредност од 15 тони, кои беа распределени заедно со Агенцијата за одземен имот и се предадени на одредени институции, рече Трајковски.

Тој најави дека од денеска сите инспектори кои констатирале прекршок ќе се појавуваат на судските рочишта, и тоа мора да биде пракса.

Апелирам до сите економски субјекти, практиката, едната опција е да си ги земат платните налози и да си платат, а другата опција е да си го остварат своето право доколку имаат забелешка преку судска постапка. Од денеска сите инспектори кои констатирале прекршок кај економските субјекти ќе се појавуваат на судските риочишта и ќе ги застапуваат и ќе ги бранат законските одредби според кои ги изрекле прекршоците. Законите мора да фонкцинираат и ќе функционираат. Нашата цел е доследно почитување на законите и функционирање на системот, а граѓаните ги охрабруваме да ги пријавуваат неправилностите кои ги нарушуваат нивните потрошувачки права, рече Трајковски.