Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп им нагласила на европските и украинските претставници дека сака Киев да постигне мировен договор со Москва до почетокот на јануари. Барањето е процесот да се финализира пред демократите да ја преземат контролата врз американскиот Конгрес, соопштија извори запознаени со дипломатските разговори.

Специјалните претставници на американскиот претседател, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, ги продолжија разговорите со Украина и Русија во Абу Даби претходно овој месец, со што заврши осуммесечната пауза предизвикана од војната со Иран.

„Американците вршат силен притисок и постои загриженост дека секој договор би барал големи украински отстапки“, изјави еден европски претставник по средбата со Кушнер и Виткоф.

Друг дипломатски претставник нагласи дека американската страна брза да ги затвори преговорите, додека рускиот претседател Владимир Путин не покажува таква итност.

Тој временски рок ја зголеми сериозната загриженост во Киев дека украинскиот претседател Володимир Зеленски би можел да биде принуден да прифати договор според условите на Москва пред демократите да ја преземат контролата врз Конгресот, предупреди висок украински функционер.

„Трамп го сака Путин и сака да го заврши сето ова до јануари“, рече функционерот, проценувајќи дека Русија би можела да добие поповолни услови доколку договорот се постигне пред наведениот рок.

Иако официјален Вашингтон формално не побара Украина да направи конкретни отстапки кон Русија, Путин по состанокот со Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг во Шенџен порача дека Киев и неговите сојузници мора да покажат подготвеност за компромис и прифаќање на фактичката состојба.

Висок украински функционер оцени дека ваквите чекори на американската администрација претставуваат директно настојување да ѝ се помогне на руската страна да издејствува значително подобри услови за време на мировните преговори.