Со јасен и концизен говор осврнувајќи се на врвните приоритети во образованието помина првото обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по преземањето на должноста.
Новоизбраната претседателка во обраќањето во два наврати зборуваше за „македонската држава“, а во еден момент на почетокот од говорот рече „одбележуваме 75 години од формирањето на Универзитетот ’Св. Кирил и Методиј’, а прославуваме и 80 години асномска Македонија“.
Во настапот таа се осврна на реформите што треба да се направат на најстариот универзитет за кои рече дека треба да бидат обмислени и суштински со цел да се создаваат генерации способни за предизвиците што ги носи дигиталната ера.
Сиљановска-Давкова рече дека судбина на нашата држава е да биде тесно поврзана со најстариот универзитет и оти УКИМ секогаш ги чувствувал предизвиците низ кои минува нашата држава.
„Образованието беше, е и мора да остане врвен приоритет на македонската држава“, рече Сиљановска-Давкова.
На настанот присуствуваа голем дел од професорите од академската фела, а беше промовирано и прославено 75 години постоење на УКИМ.